Aмериканскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека трговски договор со Кина е завршена работа, откако двете делегации преговараа два дена во Лондон. Трамп кажа дека договорот треба да биде одобрен од него и од кинескиот претседател Си Џинпинг и според него, САД ќе добијат ретки метали од Кина, а кинески студенти ќе можат да студираат на американските универзитети.
Минатиот месец, САД и Кина договорија привремено примирје во „војната“ со царини, иако во меѓувреме меѓусебно се обвинуваа за кршење на договорот.
„Нашиот договор со Кина е готов, уште треба да биде одобрен од мене и од претседателот Си. Во рамките на него, Кина ќе ги обезбеди сите потребни ретки метали и магнети“, напиша Трамп.
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник кажа дека договорот ќе стапи во сила откако ќе го ратифицираат двајцата претседатели. Новата рунда преговори уследи откако Трамп и Си телефонски разговараа минатата недела.Кина беше најтешко погодена од новите царини што ги воведе Трамп за речиси целиот свет и во еден момент достигнаа до 145 отсто. Во меѓувреме тие беа намалени на 30 отсто, додека Кина ги намали царините за увозот од САД на 10 отсто.