„Ова треба да биде траен крај на војната, а не привремен крај, како што видовме во минатото. Знаеме дека практичната реалност е дека ќе има дискусија за територијата и за безбедносните гаранции“, изјави американскиот советник за национална безбедност Мајк Валц по средбата. САД и Русија ќе назначат тимови за преговарање за ставање крај на војната во Украина, соопшти американскиот Стејт департмент, по разговорите на високо ниво во Саудиска Арабија со претставници на Русија. Како што пренесува Би-би-си, руски претставник во разговорите ја оценил четиричасовната средба како „позитивна“ и „конструктивна“. Американскиот државен секретар Марко Рубио се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, но ниту Украина ниту Европа не беа поканети на средбата. Според американската делегација, разговорите за Украина ќе вклучуваат дискусии за територијата и безбедносни гаранции. „Ова треба да биде траен крај на војната, а не привремен крај, како што видовме во минатото. Знаеме дека практичната реалност е дека ќе има дискусија за територијата и за безбедносните гаранции“, изјави американскиот советник за национална безбедност Мајк Валц по средбата, а пренесе Гардијан.
„Но, мислам дека најважниот дел е што претседателот (Трамп) ја изрази својата желба, неговата решеност да стави крај на оваа војна, да стави крај на убиствата што се случуваат. Тоа не е во интерес на ниту една земја. Тоа не е во интерес на светот, а секако не е во интерес на САД и Европа“, додаде Валц. Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека „секој треба да се согласи со договорот“, алудирајќи на улогата на ЕУ во отстранувањето на санкциите кон Русија. „Она што е важно да се разбере се две работи. Првата е дека единствениот лидер во светот кој може да го направи ова, кој дури може да ги собере луѓето да почнат да зборуваат за тоа на сериозен начин, е претседателот Трамп. Втората работа што би ја рекол е дека, за да се заврши конфликтот, секој што е вклучен во тој конфликт мора да биде согласен со тоа“, рече Рубио. Тој додаде дека денешниот состанок бил „првиот чекор од долгото и тешко патување“. Кажа и дека за да се стави крај на каков било конфликт „мора да има отстапки од сите страни“. Рубио вели и дека, на крајот, САД сакаат да се придвижат кон „ангажман во идентификување на извонредните можности што постојат доколку овој конфликт дојде до прифатлив крај“ и да „соработуваат со Русите геополитички, за прашања од заеднички и економски интерес“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека разговорите биле „многу корисни“. „Ги имам сите причини да верувам дека американската страна ја разбира нашата позиција“, рече Лавров. Според него, двете страни се согласиле да обезбедат најбрзо можно назначување амбасадори во двете земји и отстранување на бариерите што „многу години, а првенствено администрацијата на Бајден во последните четири години ги поставуваше меѓу дипломатските мисии“. Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски „ако е потребно“. Зеленски, пак, претходно изјави дека нема да признае мировен договор за кој се преговара без Украина, пишува Би-би-си. Извор: Новинска агенција МЕТА