Американскиот министер за финансии Скот Бесант се сретна со украинскиот премиер Денис Шмихал и министерот за финансии Серхи Марченко и ја истакна потребата да се потпише економско партнерство меѓу САД и Украина што е можно поскоро, објави американското Министерство за финансии.
„Секретарот Бесант ја потврди поддршката на САД за украинскиот суверенитет и ја нагласи посветеноста на Соединетите држави за обезбедување траен, стабилен мир за народите на Украина и Русија“, се вели во соопштението, пренесе Ројтерс. Бесент во таа прилика ја истакна важноста од што поскоро завршување на техничките разговори и склучување на економско партнерство меѓу двете земји. Состанокот се случува кога Вашингтон предупредува дека ќе се откаже од обидите да посредува во мировните преговори меѓу Русија и Украина, освен ако наскоро нема „видлив напредок“.
Откако САД и Украина постигнаа меморандум за разбирање, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека очекува да потпише договор за минерали со Киев оваа недела. Претходниот обид за договор пропадна во февруари по судирот меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и Трамп за време на состанокот во Белата куќа. Рускиот претседател Владимир Путин бара Украина да се откаже од членството во НАТО, трајно да ѝ отстапи четири окупирани региони на Русија и да ја ограничи големината на нејзината армија. Ваквите барања Киев ги гледа како услови за капитулација, пренесува Танјуг.