Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е подготвена да ја признае руската контрола врз Крим како дел од предлогот за прекин на војната во Украина, изјави добро информиран функционер за Си-Ен-Ен. Предлогот, исто така, вклучува воспоставување прекин на огнот по сегашните линии на фронтот, Планот им бил презентиран на европските и украинските претставници на средбата која се одржа во четвртокот во Париз.
Мировната рамка била спомената и во телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Администрацијата на Трамп истовремено планира уште еден состанок меѓу претставникот на претседателот Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и руски претставници за да ја убеди Москва да се согласи со целокупната американска рамка, рече изворот. Руските сили ја презедоа контролата врз Кримскиот полуостров во 2014 година, а Москва ја анектираше територијата, потег што мнозинство од меѓународната заедница го смета за незаконски. Тој потег ја најави целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година.