САД веруваат дека Русија сè уште не одговорила сериозно на украинскиот напад со беспилотни летала извршен минатиот викенд и дека наскоро се очекува моќен, повеќекратен напад, изјавија американски претставници за „Ројтерс“. Иако Русија веќе изврши напади со ракети и беспилотни летала врз Киев, американските претставници тврдат дека ова не е конечна одмазда. Се очекува Москва во наредните денови да употреби разни видови воздушни средства, вклучувајќи крстосувачки ракети, беспилотни летала и евентуално балистички ракети, за да ја казни Украина.
Западните дипломати, исто така, предвидуваат напади врз клучни цели како што се владини згради и разузнавачки служби. Аналитичарот Мајкл Кофман верува дека рускиот напад би можел да биде насочен кон безбедносната агенција на Украина и воените фабрики. Нападот на Украина, наречен операција „Пајакова мрежа“, вклучуваше 117 беспилотни летала лансирани од внатрешноста на руската територија. САД проценуваат дека биле погодени околу 20 руски авиони, додека Киев тврди дека биле уништени повеќе, а Москва ги негира загубите. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и се обидел да го одврати од одмазда. Му реков да не го прави тоа. Но, има многу омраза, изјави Трамп.