Стејт департментот оваа недела ја запрел американската помош за обновувањето на енергетската мрежа на Украина, која се дистрибуираше преку Агенцијата за меѓународна помош (УСАИД) и во чии рамки се вложени стотици милиони долари, објави „Ен-би-си њуз“, повикувајќи се на двајца претставници на УСАИД кои работат во Украина. Прекини на струја се воведени во текот на ноќта во некои региони на Украина поради руските напади врз енергетски објекти. Системите на земјата беа под речиси постојани напади во текот на тригодишната војна. „Тоа значително ги намалува способностите на оваа администрација да преговара за прекинот на огнот и ќе ѝ сигнализира на Русија дека не ни е грижа за Украина или за нашите минати инвестиции“, изјави еден од функционерите на УСАИД вклучени во мисијата во Украина. „Русија води двострана војна во Украина: воена, но и економска. Тие се обидуваат да ја уништат економијата, но УСАИД одигра централна улога во помагањето таа да биде еластична, [вклучувајќи] го зајакнувањето на енергетската мрежа… Дадовме огромна поддршка на украинската влада за да избегне макроекономска криза“, додава изворот.
Покрај завршувањето на Проектот за енергетска безбедност на Украина, УСАИД, исто така, драматично го намалува своето присуство во Украина. Ова доаѓа откако милијардерот Илон Маск, кој му е советник на американскиот претседател Доналд Трамп и ја предводи Агенцијата за владина ефикасност, драстично ја намалува американската помош во странство преку УСАИД, а администрацијата во повеќе наврати ги нарече некои од договорите за помош во странски земји „криминални“. Пред најновите потези на администрацијата на Трамп, 64 американски владини службеници и изведувачи служеа на терен во Украина за агенцијата. Само осуммина од тие вработени треба да останат на терен во земјата разурната од војна, откако администрацијата на Трамп ја стави својата преостаната глобална работна сила на административно отсуство и им нареди на работниците кои не се сметаат за „критични“ да се вратат во САД. Двајцата функционери предупредија дека повлекувањето на УСАИД од Украина ќе ја остави нејзината енергетска мрежа ранлива среде зима, додека Украина и понатаму трпи силни руски ракетни напади.