И покрај забраната за собири и протести, приврзаниците на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, излегоа на улиците во Турција противејќи се на неговото апсење. Повеќе од 340 лица беа приведени за време на третиот ден од националните протести во петокот, 21 март, соопштија властите. Во обраќањето, претседателот Реџеп Таип Ердоган ги осуди протестите и рече дека земјата „нема да отстапи пред лицето на вандализмот и уличниот терор“.
„Нема да прифатиме и толерираме нарушување на јавниот ред“, рече тој. Имамоглу, од секуларната Републиканска народна партија (ЦХП), се смета за еден од најсилните политички ривали на Ердоган. Тој беше приведен само неколку дена пред да биде избран за претседателски кандидат. Обвинителите го обвинија за корупција и помагање на терористичка група, нарекувајќи го „осомничен лидер на криминална организација“. Во истрагата беа приведени стотина осомничени, меѓу кои и други политичари, новинари и бизнисмени.
Имамоглу беше сослушан на 22 март во судот во Истанбул, а обвинителите побараа тој да биде приведен под обвинение за тероризам и корупција. Тој ги отфрли сите обвиненија против него. Во меѓувреме, властите уапсија десетици луѓе поради „провокативни“ објави на социјалните мрежи. Претходно властите донесоа одлука за четиридневна забрана за јавни собири во Истанбул, но демонстрантите ја игнорираа оваа наредба. Поддржувачите на Имамоглу протестираа низ Турција, извикувајќи антивладини слогани и барајќи ослободување на градоначалникот на Истанбул. Познавачите на политичките состојби велат дека ваков излив на незадоволство со години не е забележан. Полицијата претходните ноќи употреби солзавец, гумени куршуми и водени топови против демонстрантите. „Ердоган, диктаторе!“, „Имамоглу, не си сам!“, „Правда и право“, извикуваа приврзаниците на Имамоглу за време на протестот.