По настапот на новинарот Сашо Орданоски во кој говореше за тектонските промени во политиката на САД и реакцијата на македонските власти, тој беше цел на серија напади и реакции дека ги нарушил односите со стратешкиот партнер. Се редеа прес-конференции на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, одговор на СДСМ, оградување од ТВ Канал 5, барања до обвинителството од МАН, написи на колеги новинари, па до реакција на Здружението на новинарите на Македонија. Најстарата новинарска асоцијација во земјата, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), денеска реагираше по неколкудневните вербални напади врз новинарот Сашо Орданоски по неговото гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 на 20 февруари 2025 година. ЗНМ јавно соопшти дека праксата на партиите да се пресметуваат со користење имиња и ставови на новинари е неприфатлива и штетна за целиот медиумски простор. Оттука, тие бараат ваквата пракса да запре. Додаваат оти особено е загричувачки што пратеник на владејачка партија, на две конференции за печат, употреби несоодветни квалификации за новинарот Орданоски, врамувајќи го во политички и партиски контекст.
„Оваа реторика, кога доаѓа од политички функционери, не само што е контрапродуктивна за слободниот јавен дискурс, туку создава и ризик од продлабочување на недовербата и поттикнување негативни чувства кон новинарите“, се вели во соопштението на ЗНМ. ЗНМ, исто така, упати апел до јавните функционери да се воздржат од изјави што можат да се протолкуваат како етикетирање или дискредитација на новинари. „Ваквите постапки не се во духот на демократските вредности и го загрозуваат квалитетот на јавната дебата“, велат од ЗНМ. Тие им препорачуваат на политичарите, ако имаат забелешки за работата на новинарите, да поднесат претставка до телата за саморегулација како Советот на чест при ЗНМ или Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Инаку, реакцијата на ЗНМ доаѓа по денешната и вчерашната прес-конференција на пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој го нападна опозицискиот Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ) поврзувајќи го со новинарот Сашо Орданоски и неговите ставови искажани при гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Според Петрушевски, тоа што СДСМ не се оградил од ставовите на Орданоски значи дека се истомисленици.
Од СДСМ реагираа велејќи оти поврзувањето на изјавите на Орданоски со нивните политики „во однос на прозападниот курс на државата се очаен обид да ги скријат сопствените неуспеси“. Соопштение имаше и ТВ Канал 5 во кое се вели оти во телевизијата се вчудоневидени од настапот на Орданоски „кој со неопислива леснотија ја таргетираше новата аминистрација на нашиот најголем стратешки партнер – САД“. Тие потенцираа оти не ги делат ставовите со нивните гости и ги осудија наводните „навреди, клевети и шпекулации“ кон американскиот претседател и неговото потесно семејство. Реагираше и паралелното новинарско здружение МАН, според кое Орданоски со своите јавно искажани ставови ја вовлекол македонската држава и македонските државни интереси во проблем. Така, таа сега мора да се брани поради ваквиот, како што велат „говор на омраза“. Тие дури и го повикаа обвинителството да отвори постапка со врвен приоритет против Орданоски. Воедно, повеќе медиуми блиски до власта објавија написи цитирајќи постови на социјалните мрежи во кои директно се напаѓа Орданоски. Дел од овие објави на социјалните мрежи се од лица вработени во медиуми. Повеќе коментари во ваквите постови повикуваат на насилство. Во фамозното „Само интервју“ (1 дел, 2 дел) кое траеше околу еден час, Орданоски посочи дека ситуацијата е сериозна и ги повика властите во земјата да размислат и заеднички да се договорат како ќе реагираат на промените што се случуваат во американската и европската политика.
Тој говореше оти претседателот на САД, Доналд Трамп е идеолошки вљубен во претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, додавајќи оти нивниот начин на владеење го става водачот на државата пред сè. „Тоа е добро познат модел и проучен од Американците и се работи за едно комплетно партизирање на институции, упад во судство, притисоци врз медиуми, ништење на Парламентот односно Конгресот. Практично претседателот на САД станува со кралски овластувања“, рече Орданоски во интервјуто додваќји оти со тој модел бевме соочени пред десетина година. По ракциите во јавноста, тој кратко реагираше и на почетокот на најновата епизода на подкастот „Политиканти“ велејќи оти не го допираат нападите, но како што рече важно е што е покрената дебатата: „Моето едно појавување со еден одличен професионалец како што е Гоце Михајловски од Канал 5 ја покрена дебатата. Додека траат овие плукања, дебатата е почната и веќе се одвива. Немам други амбиции ниту можам да го сменам светот. Нашата работа е да ги отвораме дебатите. Плукајте на мене ама разговарајте за ова што вчера зборувавме“, кажа Орданоски. Извор: Новинска агенција МЕТА