Сакаме да ја информираме јавноста дека нашиот Миле Тодоров (28) се уште не е пронајден, и по речиси два месеца од исчезнувањето. Јавно замолуваме за помош, ако некој има било каква информација во врска со случајот, да се охрабри и да пријави во полиција, за ,,Фокус” вели Диме Атанасиевиќ, сопруг на сестрата на неготинецот Миле, кој исчезна на 30-ти јануари годинава. Тој вели дека се огласува во име на целото семејство, кое за целиот овој период живеело во агонија, барајќи одговори. -Не сакаме случајот да падне во заборав, затоа замолуваме до медиумите, но и до граѓаните, да ја споделуваат неговата фотографија, да потсетуваат дека ова младо момче се уште не е пронајдено! Исчезнат е среде бел ден, кога пеш тргнал од Кавадарци кон Неготино, во околината на Марена му се губи трагот. Таму, во близина на реката Луда Мара беше најден и неговиот мобилен телефон.
Семејството веќе е сосема паднато, оваа неизвесност трае предолго и молиме за помош! На неговите родители им е најтешко, секојдневно бараат пак да одиме и да пребаруваме околу реката, а секоја потрага завршува без успех. Да потсетиме дека цели стручни тимови беа ангажирани од надлежните служби, во потрагата се вклучи и хеликоптер, кучиња трагачи, имаше бројни доброволци… Каква мистерија е ова? Нашиот град не памти вакво нешто да се случило, а ние, семејството немаме мир од денот кога Миле исчезна. Затоа, пак замолуваме, ако некој го видел, ако го качил во кола да го превезе до некаде, нека го каже тоа, да добиеме барем некаква насока или траг. Како инаку би можел човек да исчезне, да не биде забележан од никого, и да го нема сето ова време? Сам да сака некој да се скрие, каде толку вешто би се скрил, за да не може никој да го наде?– прашува Диме во име на семејството. Додава дека се во контакт со надлежните служби, од каде ги известувале дека истрагата е во тек, но како што вели, момчето се уште го нема.
Семејството бара поголема ажурност, повторно детално проверување на теренот во поширок размер.
-Не сакаме да мислиме на најлошото, но ете, и доколку се случило најлошото, доаѓа пролет, тревата расте, разеленуваат грмушките, па секоја потрага на отворено, во природа, би била потешка. Мачно е да се кажува ова, но каков и да е исходот, во интерес на сите е да се дојде до вистината што е можно побргу, доста време се изгуби. На семејството му е јасно дека постојано се случуваат лоши работи во земјава, ете трагедијата во Кочани ја потресе целата јавност и нормално е дека јавниот интерес е свртен таму, но молиме да не падне во заборав и нашиот Миле, младо момче чии блиски минуваат низ претежок период. Уште еднаш, замолуваме доколку некој нешто знае за случајот, да се охрабри и да пријави во полиција, порача Диме, во име на семејството. Фотографијата и податоците за Миле се објавени и на официјалната страница за исчезнати лица при МВР. -Миле Тодоров од татко Доне мајка Снежана роден 23.10.1996 година во Неготино, каде и живее на ул. 4-ти Јули бр. 54. Исчезнат на 30.01.2025 год. од својот дом во Неготино. Висина 180 см, тежина 80 кг, кафеава коса и зелени очи. Облечен во работнички плави панталони со прерамки и бело палто. Прекар „Скечо“, наведено е во објавата за исчезнатиот неготинец.