Шпанија годинава ќе и обезбеди на Украина нов пакет воена помош во вредност од една милијарда евра, соопшти премиерот Педро Санчез. Санчез е во Киев, каде што учествува на меѓународната средба по повод тригодишнината од руската инвазија на Украина.
Новата помош е дел од десетгодишниот билатерален договор за безбедност и одбрана меѓу Киев и Мадрид, кој беше потпишан во мај минатата година, се наведува во соопштението од кабинетот на Санчез. И Шпанија минатата година испрати воена помош за Украина во вредност од една милијарда евра. „Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно“, рече Санчез пред лидерите кои учествуваа на меѓународниот состанок и ја истакна потребата и украинската влада и претставниците на ЕУ да учествуваат во мировните преговори со Москва. „Ништо за Украина без Украина и ништо за европската безбедност без Европа“, нагласи Санчез. По тригодишни напори на САД да ја казнат и изолираат Москва за време на Џо Бајден, претседателот Доналд Трамп презеде брза акција за да ги поправи врските со рускиот претседател Владимир Путин.