За првпат по 8 години има инвестиции во здравството, а времето на матните тендери е минато, одговори ВМРО-ДПМНЕ на манипулациите од СДСМ дека Владата ќе го зголеми здравствениот придонес, а тоа го најавил директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ му одговори на СДСМ дека мизерно лаже и ја манипулира јавноста со тврдењето дека власта планира да ги зголеми придонесите за здравствено осигурување.
Реакцијата уследи откако директорот на Фондото за здравствено осигурување викендов во интервју рече дека не можеме да очекуваме да имаме здравство и современи лекови како во Шведска со здравствен придонес од десетина долари месечно. По оваа изјава, опозициската СДСМ денеска тврди дека ќе се зголеми здравствениот продонес.
„Партијата чиј директор на ФЗОМ, Ден Дончев трупаше туциња пари во торба, во мизерен обид лаже и манипулира за работата на Фондот. Заврши времето кога директорот на ФЗОМ од СДСМ трупаше туцуња пари во торба. Заврши времето кога министерот Филипче договараше провизии од вакцини. Заврши времето на жути-ет-јаху набавките. Заврши времето на обидите за приватизација на јавното здравство од Дубаи лекарот Филипче“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
За првпат по 8 години има инвестиции во здравството, се додава во соопштението, а времето на матните тендери е минато.
„Ги разбираме СДСМ за нервозата зошто работата во здравството ја гледаат низ призма на пари. Тие бројат колку тендери би поделиле и жалат за времето кое помина. Тоа време никогаш нема да се врати. Здравството сега се управува одговорно и за потребите на пациентите“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на ФЗОМ, говорејќи за достапноста на терапијата за болните, рече дека Клиниката за онкологија доби два пати поголем буџет и таму финансиите повеќе не можат да бидат проблем, а во моментот нема лек пто недостасува.
– Сите пациенти очекуваат врвна, светска терапија, но Македонија по ниедни економски параметри не е на врвот на светските ранг-листи. Со десетина долари придонеси здравствени не можете да очекувате здравство какво што има во Шведска и лековите што се достапни во Шведска – рече Клековски.На ова опозицискиот СДСМ соопшти дека Клековски признава дека за само 11 месеци ВМРО-ДПМНЕ го клекнала Фондот за здравство на колена и дека е пред банкрот. СДСМ побара оставка од Клековски.
– Здравството се распаѓа пред очите на граѓните, а ВМРО-ДПМНЕ и Клековски зборуват за зголемување на придонеси. Болниците не функционираат, Фондот е празен, а системот е на колена. Во Кочани нема ниту завои, ниту инфузии, ниту лекови. Луѓе легнуваат по ходници, се чека со месеци за терапија, а владините партнери уште не може да се договорат кој ќе биде министер откако диловите во здравството им пропаднаа. Наместо да ги расчисти криминалните тендери, да обезбедат лекови во болниците, да обезбеди вработувања и услови, Владата најавува зголемување на придонесите! Тоа значи: повеќе ќе ви земаат, а уште помалку ќе добиете. Сашо Клековски, директорот на Фондот, отворено зборува дека тоа е следниот чекор – рече денеска Симона Цветановски од ИК на СДСМ на прес-конференција во партиското седиште.
Зголемувањето на давачките е нов товар за секој работник, секое семејство, секој стопанственик, додаде таа.
– Каде се парите од придонесите досега? Кој профитира додека пациенти страдаат? Дали фалат пари само затоа што на две фирми им се даваа огромни буџети од Фондот? Зголемување на здравственото осигурување не е реформа. Тоа е обид за покривање на неспособноста. Кој профитира од страдањето на пациентите? Кој прави бизнис со здравјето на народот? Граѓаните не смеат да ја платат цената за неспособноста на оваа власт. Бараме оставка од Клековски – рече таа.