Една докторка во кочанската болница лекува и третира 128 пациенти со тешки изгореници по главата и телото, во една операциона сала, во импровизирани услови, без специјална када, со кофи и влажни крпи и без конкретна финансиска помош од владата, но и без психолошка помош. Ваква е состојбата на повредените млади луѓе кои се вратија во Кочани по два месеца од пожарот во дискотеката „Пулс“, најголемата трагедија во современата историја на Македонија во која загинаа 62 млади луѓе, а чии семејства сѐ уште протестираат за правда и проширување на истрагата во која се осомничени 59 лица.

Иако Владата тврди дека целосно е обезбедена медицинска, финансиска помош и логистичка поддршка, преживеани, како Лазе (31), сведочат дека се лекуваат во импровизирани услови, се соочуваат со повеќе стравови за себе и своите сограѓани, а за логистичките и финансиски потреби најмногу се потпираат на волонтерите од „Сапорт Кочани“ и донации. Лазе за „Слободен печат“ раскажува за процесот на лекување откако ја преживеал трагедијата во дискотеката во „Пулс“. Тој живее во Германија, а кобниот викенд дошол на 3 дена во Кочани.

Во пожарот се здобил со изгореници од втор и трет степен, а најкритични се тие на главата. Лазе сега е на домашно лекување откако 20-тина дена поминал на интензивна нега и пет дена во болничка соба, по што бил пренесен на преглед во Скопје, а потоа пуштен на амбулантско лекување во Кочани. Неговите рани сѐ уште се отворени. Фотографии од тоа како изгледа неговата глава кога бил вратен на лекување од болницата „Пирогов“ во Софија, беа споделени вчера на инстаграм-профилот на волонтерите од самосоздадениот кризен штаб за засегнатите од трагедијата, „Сапорт Кочани“.
– Имам изгореници од втор и трет степен на главата и рацете. На рацете ми пресадија кожа, а за главата не се одлучив за истиот зафат. Решив така поради конзилијарното мислење на лекарите, кои констатираа дека иако процесот на заздравување ќе биде многу побавен, состојбата на мојата глава ќе се подобри постепено, со соодветна терапија, како би избегнал и белези кои настануваат со трансплантацијата на кожата – раскажува Лазе.

Заздравување во импровизирани услови, персоналот пред колапс
Двајца физијатри, двајца хирурзи, како и физиотерапевти, инструментарки и медицински сестри од Клиничка болница-Штип и Општата болница во Кочани ја завршија шестнеделната обука организирана од страна на англиската Организација за ургентна медицина, информираше викендов Никола Костадинов, физијатар на Одделението за физикална терапија при Клиничка болница-Штип. Тој истакна дека по добиените сертификати, обучените лекари и медицински персонал освен што биле вклучени во рехабилитација на повредените во двете болници, ќе можеле и самите да вршат обуки и да го пренесуваат знаењето на своите колеги. Но, според зборовите на Лазе, состојбата во кочанската болница е поинаква. Тој тврди дека секојдневно, на една рака се бројат луѓето кои во моментов ги лекуваат сите повредени пациенти во трагедијата.
– Докторката која нѐ прегледува, викендов беше над 30 часа на работа. Најверојатно и спие во болницата. Многу деца имаат потреба од медицинска помош за лекувањето. Во болницата нема када за да ги избањаат. Јас можам дома сам да се избањам, но има деца во полоша состојба кои не можат дома да се избањаат и мора медицинско лице да ги избања.
Според моите информации, докторката го прави тоа со потешко повредените, во операционата сала, во импровизирани услови, зашто како што реков, нема када. Се користат кофи, влажни крпи… Нема споредба на условите во Бугарија и тука. Таму имаше специјална када, нѐ капеа медицински лица. Немам зборови за тие 5 луѓе коишто се грижат за нас секојдневно.
Дефинитивно недостига медицински кадар. Од Скопје од пластична хирургија ни доаѓаат медицински лица, кои на 2 до 3 недели ни прават ПРП и ПРФ третмани со трансплантација на крвна плазма за побрзо заздравување на кожата – додава Лазе.

Тој вели дека со оглед на тоа какви се условите во болницата, чувствува голема благодарност за натчовечките напори на медицинскиот персонал што ги лекува повредените. Сега стравува за младите сограѓани кои допрва треба да се вратат од лекување во странство поради две причини: недостиг на кадар за потешките случаи и недоволна, односно никаква психолошка помош за преживеаните.
– Условите во болницата се лоши, но премногу сум благодарен сум за односот на докторката која е заложена за сите нас, зашто таа нема замена. Нѐ третира сите повредени, сите го чекаме нејзиниот повик кога да одиме во болницата, затоа што рутината на некои од повредените трае и до 6 часа. Затоа ни требаат најмалку тројца доктори на кои ќе се потпрат пациентите.
Јас, како и сите други, цел ден чекам дома да ми се јави докторката, за да ме извести кога да одам на потребниот третман, кој трае околу еден час. Јас сум подобар, и психички и физички, но главата ми прави голем проблем. Среќна околност е што докторката, која навистина не знам како постигнува, се грижи и ни е достапна 24/7. Но што е со тие што допрва треба да се вратат и се во уште потешка состојба?
Многу ни е потребна и психолошка помош, особено групни терапии, затоа што некои од децата имаат сериозни последици и не можат ни да зборуваат, а камо ли да прифатат дека нивниот живот се променил. Имаме млади сограѓанки без коса, лицата им се во ужасна состојба. Преживеале, ама сега треба да живеат со последиците од кобната ноќ – вели нашиот соговорник.

Меѓу другото, Лазе апелира и дека многу е потребна и медицинска поддршка за реализирање на потребната физикална терапија, иако физијатарот Никола Костадинов викендов уверуваше дека обуките се завршени, обучени се кадри и има услови за овој дел од лекувањето.
– Нема никакви услови за физикалната терапија, која ни е потребна на сите повредени. Има само тројца физиотерапевти, кои работат со сите деца, а немаат никакви справи за да ни помогнат. Вежбаме во импровизирани услови, ни помагаат колку што можат, но тешко е затоа што немаат со што да работат – објаснува тој.
Лазе вели дека до овој момент, медицинскиот кадар што секојдневно ги лекува е единствено од Кочани и дека немало ниту една (не)официјална средба меѓу преживеаните со претставници или врвот на Министерството за здравство.
– Сите луѓе што работат со нас се од Кочани, освен медицинските лица што доаѓаат од Скопје од Клиниката за пластична хирургија и неколку странци од Светската здравствена организација. Товарот за секојдневната грижа паѓа на 5 лица за сите нас. Никој од Министерство за здравство досега не нѐ посетил. Да не е докторката и тие неколку луѓе што на рака се бројат не знам што ќе правиме, а пак ќе кажам, не се ни вратени сите пациенти кои се најтешко повредени – додава тој.
Во хипербарната комора третирана само една пациентка
Извори од болницата во Кочани за „Слободен печат“ велат дека таму се третираат 128 лица кои се вратени во Кочани, а биле повредени, ама само за преврски, кои потоа се пуштаат дома. Преврските се вршат и ноќе на полноќ, затоа што изгорениците кај потешко повредените се до тој степен, што не можат да излегуваат и да трпат дневна светлина и сонце. Во донираната хипербарна комора на иницијатива од „Сапорт Кочани“, од сите повредени, досега е третирана само една пациентка, а другите не. Причината, како што велат, е што интернистите и хирурзите уште не направиле тријажа, односно не процениле кој е подобен пациент за хипербарната комора, а кој не.
Единствената пациентка што била третирана во комората со кислород покажала одлични знаци на заздравување и ревитализација на кожата на рацете. Во најтешка состојба се пациентите што се вратиле од Анкара, тврдат нашите извори од кочанската болница. Преврски на повредените им се вршеле секој ден, освен за викенд. Од болницата велат дека завој имаат и дека го купиле на тендер, ама некои пациенти го кажуваат спротивното, односно дека завој снемало. Се потврдува и дека хирургот кој е во болницата е толку презафатен со работа што речиси и да не ја напушта истата. Истакнат дерматолог со кого разговараше „Слободен печат“ ја потенцира алармантноста на повредите на преживеаните и предупредува за важноста на нивното соодветно третирање.
– Дел од пациентите од трагедијата во Кочани, кои се лекуваа по странски болници и се вратени во државава, имаат потреба од понатамошен третман. Треба да се преврзуваат во посебни услови, со стерилни гази, за да не се контаминираат раните. Потребни се и третмани на раните пред преврска. Во спротивно може да настане контаминација на раните која може многу лошо да заврши – вели дерматологот.
Кој колку помага?
Причината поради која се објавени вознемирувачките фотографии од изгорениците на Лазе е новиот апел на „Сапорт Кочани“ да продолжат донациите, оти за многу деца ќе бидат потребни т.н. компресирачки одела. Како што пренесуваат волонтерите, парчиња од оделата чинат од 120 до 1.200 евра, на некои пациенти им требаат и до 4 парчиња, а истите треба да се менуваат повеќепати во следните две години. Ваквите компресирачки одела ќе им овозможат на повредените да ја сочуваат структурата и функцијата на кожата. Вчера од организацијата споделија дека се на пат да издејствуваат еднократна донација за првите одела. Постапката е во тек. Претходно, волонтерот на „Сапорт Кочани“, Ненад Вржалски во разговор за „Слободен печат“ рече дека е потребна и институционална помош за долгорочно решение на финансискиот товар со кој треба да се носат семејствата на повредените во трагедијата. Вакво компресирачко одело му треба и на Лазе. Тој вчера бил во болницата, каде што пристигнале донаторите и му зеле мерки за одело, и нему и на други повредени. Понуда за одела е побарана од болницата во Кочани заедно со стручни тимови од странство кои разгледуваат повеќе опции, материјали и достапност на истите.
– Моментално се земаат бројки за над 50 млади, за некои е потребно 1 парче компресивна облека, за некои дури 4, сѐ уште немаме точна бројка. Во моментов, се договоривме за само едно одело по човек. Мора да напоменеме дека сега работиме на обезбедување средства за втор пар на компресивна облека, и сигурни сме дека ќе обезбедиме. Досега не сме оствариле официјален разговор со некоја институција за финансискиот товар, целата иницијатива е граѓанска и средствата се собрани од хумани друштва, индивидуи и општествено одговорни фирми – велат волонтерите од „Сапорт Кочани“.
Засега останува нејасно и колкава финансиска помош добиваат засегнатите од трагедијата и под кои услови. На некои од семејствата еднаш им била исплатена сума од 150.000 денари, додека на други во два наврати. Според Лазе, само оние што се лекувале во странство двапати биле исплатени од Црвен крст. Во меѓувреме, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на прес-конференција упати критики до владејачкото мнозинство, кое не го поддржа законот за трагедијата во Кочани, предложен од СДСМ. „За“ гласаа само пратениците од СДСМ и Левица. Според Спасовски, овој закон, кој освен за Кочани требало да се однесува и за семејствата за жртвите и повредените од други трагедии како Ласкарци, Модуларната болница и.т.н., требало да биде закон за обединување, единство, солидарност и сплотеност. На нашето прашање до Владата околу финансиската помош што ја добиваат засегнатите во трагедијата, кратко ни одговорија дека „Владата и Црвениот крст, одлучија да има една наменска сметка за сите погодени од трагедијата во Кочани и од таму во неколку наврати се исплатени средства и на оние кои загубија свои најблиски, но и на повредените, за што јавноста редовно ја информиравме“. Дополнително, додаваат дека Владата обезбедила и транспорт, сместување и логистика на семејствата на повредените кои се лекуваа во странство и целосно го покрива нивното лекување. Сепак, Лазе сведочи дека досега двапати добил финансиска помош од по 150 илјади денари од Црвен крст. Кремите кои ги користат во болницата се донација, потврди тој, исто како и првото компресирачко одело кое допрва треба да го добие. Инаку, како што вели, се согласил неговите фотографии да бидат објавени со цел да се крене свесноста за состојбата во Кочани.