Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја следеше вежбата „Immediate Response 25“ (IR 25) на армискиот полигон во Криволак, заедно со премиерот Христијан Мицковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началникот на штаб на Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка и други гости.
„Во време на глобални безбедносни закани, кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност, професионалност и подготвеност да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права“. Претседателката додаде дека денеска уште еднаш ја потврдивме нашата определба, да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили“, рече Сиљановска Давкова во обраќањето.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски порача дека вежбата претставува „јасна демонстрација на посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на Алијансата“ и дека на овој начин ги унапредуваме способностите за одвраќање и одбрана на НАТО. Министерот ја потенцираше и важноста и стратешката позиција на нашиот полигон за обука „Криволак“, кој е „уникатен капацитет за извежбување со можност за реализација на вежби од големи размери“.
„Вежбата IR 25 е повеќе од демонстрација на борбена готовност и способност, таа е доказ на силата и посветеноста на Алијансата. Неуморната работа на учесниците на вежбата нема за цел само да се подобрат капацитетите и способностите на сопствените единици, туку и да се изгради доверба, интероперабилност и меѓусебно почитување“, рече генералот Сашко Лафчиски.
Вежбата „Immediate Response 25“ е втората фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“ (DEFENDER 25). Покрај седум други европски земји, Република Северна Македонија е една од земјите домаќини, каде што во активностите кај нас се вклучени повеќе од 2200 армиски припадници од седум НАТО земји членки и две земји партнери на Алијансата.