Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, е избран за Млад глобален лидер (Young Global Leader – YGL) на Светскиот економски форум (World Economic Forum – WEF) за 2025 година. Ова престижно признание се доделува на исклучителни личности под 40 години кои демонстрирале извонредни лидерски способности и силна посветеност кон подобрување на состојбите во светот, соопшти Министерот за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНД). Форумот на млади глобални лидери претставува заедница посветена на обликување одговорни лидери кои активно придонесуваат за подобрување на глобалните околности. Секоја година, Светскиот економски форум, преку селекциски процес кој вклучува одлука на специјализирана комисија и консултации со бројни експерти, избира група од приближно 100 лидери под 40 години од целиот свет (од кои 10 се од Европа) кои го добиваат ова признание.
– Ми претставува особена чест што сум избран за еден од Младите глобални лидери за 2025 година од страна на Светскиот економски форум. Да се биде препознаен како дел од успешна група лидери под 40 години – кои доаѓаат од политиката, економијата, академската заедница и граѓанското општество од целиот свет – претставува исклучителна привилегија, но и голема одговорност. Во време на глобални предизвици и динамични трансформации, лидерството мора да се темели на визија, интегритет, емпатија и посветеност кон долгорочни и одржливи решенија. Особено се радувам што ќе станам дел од оваа извонредна заедница на креатори на промени – заедно да учиме и да создаваме, со цел да изградиме поправеден и поотпорен свет – истакна министерот Муцунски во својата видео-објава на социјалните мрежи.