Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, изрази сочувство на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а на премиерот Христијан Мицкоски му понуди помош по трагедијата во која загина 51 млад човек, а преку 120 луѓе се повредени.
„Срцето ми се кине за многуте жртви во синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Нашето најдлабоко сочувство за жртвите и нивните најблиски во ова страшно време, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија. На премиерот Христијан Мицкоски му понудив помош и сите ресурси на Амбасадата на САД, како и нашите молитви за сите оние кои страдаат денес“, напиша Агелер.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази „длабока тага“ поради трагедијата во Кочани и упати сочувство за жртвите. „Длабоко натажени од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе“, наведе Кос во објава на „Икс“. Изразувајќи сочувство за загинатите, Кос наведува дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија!“. Најмалку 51 лице загина, а над 100 се повредени во пожар што се случи синоќа во дискотека во Кочани.