Опозициската СДСМ бара Основното јавно обвинителство да отвори истрага за тендерите на Министерството за дигитална трансформација со кое управува Стефан Андоновски. „Државната комисија за спречување на корупција отвори предмет за судир на интереси, непотизам и корупција во врска со тендерите во Министерството на Стефан Андоновски. Првиот чекор на ДКСК е во вистинска насока, но сега е потребна завршница на предметот и вклучување на Јавното обвинителство.
Правда мора да има! Доказите се кристално јасни: фирмата на сопругот на Клинчарова, која е Државен секретар во министерството на Андоновски, добила два тендери, а министерот Андоновски е потписник на договорите. Ова е очигледен случај на судир на интереси и основано сомнение за корупција. ОЈО мора вендша да отвори истрага. Тендерските мрежи на ДПМНЕ мора да бидат разобличени, а одговорните санкционирани.СДСМ нема да дозволи оваа афера да биде заташкана – секој чинител во оваа криминална мрежа мора да одговара пред законот!“, се вели во соопштението на СДСМ.