Уапсените полициски службеници вчера се лица кои СДСМ ги објави во серијалот „Вистината за Кочани“ како директно одговорни за дозволување на нелегалното работење на „Пулс“. Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, останува фактот дека четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ги заштитат и да ја прикријат одговорноста, велат од политичката партија СДСМ.
– Тие бранеа и криеја свои функционери, ја лажеа јавноста и вршеа притисоци врз Обвинителството за да не се постапува против нивните кадри кои се докажано директно одговорни за пожарот во кој изгореа 62 деца. Александар Јанев, како прв човек на БЈБ, има директна одговорност за своите подредени. Тој ги поставил, тој давал наредби – и затоа мора да поднесе оставка и да следи кривична одговорност. Истото важи и за Панче Тошковски, кој целиот период ја штитеше структурата во полицијата и тврдеше дека нема вина – се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека Христијан Мицкоски со недели ја користел трагедијата за политички напади, обвинувајќи ги сите, освен оние што ги поставил на функција.
-Ги лажеше родителите, ја манипулираше јавноста и се обидуваше да ја задуши вистината. Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема целосна правда. А правда за Кочани мора да има – велат од СДСМ.
За денеска е најавена прес-конференција на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и обвинителскиот тим кој ја води истрагата на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во клубот „Пулс“. На прес-конференцијата, како што соопштија од ОЈО, ќе биде соопштена досегашната постапка во овој предмет и донесената јавнообвинителска одлука. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи ноќта на 16 март, загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.