„Неполна година по формирањето на Владата, големата лагата наречена „Горда Македонија“ се распаѓа пред очите на граѓаните. Ова е логична последица на она што граѓаните го трпат и чувствуваат, целосна нефункционалност на пазарџиска Влада која работи само за лични интереси. Вчера на површина излезе вистината која ја говориме од првиот ден. ВМРО-ДПМНЕ е без план и концепт, нивната Влада работи само за свои лични интереси. Таа од прв ден функционира како машинерија за пазарење – кој ќе добие директорско место, кој ќе добие тендер, кој ќе вработи повеќе свои. Ветувањата од кампањата буквално како да никогаш не биле дадени“ рече денеска на прес-конференција Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ.
Според него, „Излегувањето на Алијанса за Албанците е првото официјално признание на владините партнери дека оваа Влада не води никаде. Признание дека ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН се коалиција од интерес. Таа е склопена од луѓе што не веруваат еден во друг, немаат заеднички планови и политики, туку само личен интерес“. „Оваа Влада сама себе се јаде одвнатре, а граѓаните се тие кои трпат заради тоа. А додека тие се занимаваат само со функции и политички интереси, граѓаните преживуваат.
Животот поскапува секој месец. Платите не мрдаат. Институциите се нефункционални. Нема ниту еден вистински проект, ниту една сериозна реформа. Економијата стагнира, младите се иселуваат, а Владата се гоштева на сметка на народот. Секој што останува дел од оваа коалиција, свесно ја продолжува штетата. Останува за тендер. Останува за функција и одржување на Влада која докажа дека работи само за себе, не за граѓаните“ рече Костовски. Смета дека „Македонија нема време за експерименти и лажна стабилност. Оваа Влада мора да си замине, затоа што не постои држава што може да се опорави додека на власт е група калкуланти и политиканти“.