СДСМ денеска објавува нов скандал поврзан со тендерските мрежи на ДПМНЕ поткрепен со докази и факти. Граѓаните ќе сведочат на уште еден случај, како омилените фирми на власта добиваат милионски суми преку тендерите и колку е проширена пајажината од овие мрежи низ општините и институциите. Шемата е идентична. Една иста фирма, во општините кои ги водат градоначалниците на ДПМНЕ но и во институциите добиваат милионски суми од тендерите и најчесто се јавуваат како единствени понудувачи. Станува збор за уште една фирма омилена на власта: Мастеф ДООЕЛ Скопје. Преку неколку општини и институции оваа фирма во последните 3 години има добиено тендери вредни над 4 милиони евра. Еве ги сите договори. Дополнително, за оваа иста фирма, од унгарскиот кредит, има одлука за избор за проценета вредност од 25.256.509 денари или околу 400.000 евра. Фирмата е омилена на градоначалниците на ДПМНЕ, Кисела Вода, Аеродром, Неготино. Во општина Кисела Вода каде градоначалник е Орце Ѓорѓиевски од ДПМНЕ, за период од 2022 година до 2024 година, оваа фирма има добиено тендери во вредност од 1,7 милиони евра.
Од општина Аеродром, и во време кога градоначалник бил Тимчо Муцунски оваа иста фирма има земено тендери, односно склучени договори тешки речиси 1 милион евра. Во општина Неготино, каде градоначалник е Стојанов од ДПМНЕ од 400.000 илјади евра. Од вкупно 13 тендери во овие општини на дури 11 фирмата се јавува како единствен понудувач. Најголем дел од договорите се со иста вредност како проценетата вредност. Ова е првиот сомнеж, дали можеби сумата била однапред договорена? Да се добие иста цена е целосно спротивно од логиката за јавни набавки. Зошто нема намалување на цените? Тоа треба да утврдат надлежни институции.
Оваа иста фирма добила тендери и во Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, со Договор од 65,5 милиони денари или околу 1 милион евра. Како е можно една иста фирма да биде победник на толку многу тендери во општини и институции и да добие 4,5 милиони евра? Каде завршуваат парите на граѓаните? Дали се испумпувале огромни суми на пари преку десеткратно повисоки цени кои граѓаните ги плаќале? И конечно, дали цените со кои оваа фирма конкурира ширум општините предводени од ДПМНЕ, се далеку повисоки од реалните пазарни цени на истите услуги? Сомнежот за ова дополнително ќе го објасниме, во една друга постапка каде што оваа фирма била ангажирана, и тоа многу скоро! За овој огромен скандал со тендерски мрежи мора да има институционална реакција. Тендерските мрежи на ВМРО-ДПМНЕ сè повеќе се шират, а институциите мора итно да реагираат!Бараме: Јавно обвинителство и ДКСК веднаш да постапат по овој случај!