Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да прикаже некаков раст на платите, кога во реалноста граѓаните осиромашуваат, а секое второ семејство се бори да ги покрие основните трошоци. ВМРО-ДПМНЕ и оваа Влада, како ниедна досега, ги запоставија работниците, нивните права и покачувањето на платите. Сега се обидуваат да претстават минимален раст кај дел од вработените во јавниот сектор како сопствен успех, иако тоа им следуваше и без нивна заслуга.
Откако свесно дозволија цените да одат нагоре, без да усвојат ниту една мерка за зголемување на платите, сега се обидуваат да убедат дека граѓаните живеат добро и дека платите растат. Но граѓаните знаат подобро – ДПМНЕ се грижи само за сопствените партиски интереси. Тоа се гледа низ секоја нивна политика и постапка.
Ниту ги заштитија граѓаните од алчните трговци, ниту ја спречија инфлацијата, ниту понудија вистинска финансиска поддршка во кризата. Не се справија ниту со проблемите со парното и струјата, чии цени отидоа до небо. Предоцна е Владата да се вади со лажен ПР. Граѓаните веќе ги почувствуваа нивните „економски политики“ – и тоа на своја кожа.