Три месеци по трагедијата во Кочани, нема вина, нема одговорност за оние кои ако делувале вечерта, трагедијата ќе била спречена. Вистинските виновници сè уште се на слобода, обвини денеска пратеникот на СДСМ, Миле Талески. Според него, началници, инспектори, министри – сите тие кои требало да спречат се штитат во истрагата. Талески критикува дека истрагата се затвора без ниеден обвинет актуелен функционер.
„Наредбата со која била затворена вратата на дискотеката, клучната причина за високата бројка на жртви, до ден денес е мистерија. Никој не признава. Никој не потпишал. Никој не знае ништо. И сите зборуваат за сè освен за суштината. Кој е одговорен за тоа што децата не можеа да излезат живи? Оперативниот план на полицијата, наместо да се отвори пред јавноста, е прогласен за тајна. Зошто се крие вистината за одговорноста на полицијата“, прашува Талески.
Тој е дециден дека додека трагедијата уште боли, се штитат директните виновници.
„Дејан Салтировски, началникот на СВР Штип, човекот кој ја дал наредбата, добива политичка заштита од својот поранешен адвокат сега министер, и од самиот Мицкоски.
– Драган Петрушев Казак, службеникот што ја спровел наредбата, иако знаел дека е спротивна на процедурите.
– Кристина Јованова, која дозволила фирма со блокирана сметка да работи на црно, да организира забави за деца.
– Томо Донев, кој не мрднал прст, ни кога било јасно дека се користи пиротехника без дозвола.
Фирмата ММММ ДООЕЛ, без дозвола за пиротехника, без овластени лица, работела без проблем. Не само што никој не ја спречил – се отвора сомнеж дека имала политичка заштита. Дали затоа што била блиска до ВМРО-ДПМНЕ? Затоа што организирала митинзи за партијата? Не добиваме одговор ниту на ова прашање“, констатираат од СДСМ.