ВРЕДИ во договор со премиерот Мицкоски, се подготвува да спроведе масовна партизација на државната администрација. Пред изборите ветија мерит систем, професионализација и праведна држава, а сега веќе е нова песна, реагираат од СДСМ по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека за една година ќе вработат илјадници Албанци во државната и јавна администрација. „СДСМ предупредуваше дека ова се случува а сега доаѓа како директна и бесрамна потврда од Меџити. ВРЕДИ ја третира државата како приватен бизнис, кој треба да го наполнат со партиски војници. Мицкоски седи и немо гледа што се случува. Но јасно е дека ова не е случајна изјава. Се поставуваат прашања – дали веќе постои подготвен план за масовна партизација на институциите пред изборите? Дали јавната администрација повторно ќе се претвори во партиски штаб наместо во сервис за граѓаните?“ изјави денеска на прес-конференција Душанка Георгиева-Трпевски од СДСМ.
Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој е и лидер на Демократското движење, синоќа на партиски настан во Шуто Оризари дал „силно ветување“ дека за една година Владата ќе реализира повеќе вработувања на Албанци во државна и јавна администрација отколку што се направени во двата претходни мандати од другите албански политички субјекти. „За прашањето на вработувањата, за една година ќе направиме онолку вработувања колку што тие направија за два мандати, осум години во Владата. Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата“ – изјавил Меџити.