СДСМ тврди дека Владата трошела милионски суми народни пари за лосос, ракчиња, октоподи и други ексклузивни јадења, а ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со контраобвинување дека токму сегашната опозиција додека била на власт јадела лосос, ракчиња, но и јастози. Полемика се разгоре меѓу власта и опозицијата околу набавките на храна за Владата, откако СДСМ обвини дека функционерите на премиерот Христијан Мицкоски уживаат во луксузни деликатеси, вклучувајќи лосос и ракчиња додека граѓаните се соочуваат со економски потешкотии. ВМРО-ДПМНЕ возврати со иста мера посочувајќи дека станува збор за „лажна вест“, односно токму функционерите на СДСМ додека биле на власт јаделе лосос и ракчиња, но и јастози.
Во своето соопштение, СДСМ тврди дека Владата трошела милионски суми народни пари за лосос, ракчиња, октоподи и други ексклузивни јадења, додека платите на граѓаните не се доволни ниту за основните намирници. Според опозициската партија, ова е доказ за „расипничкиот и одлепен од реалноста“ карактер на актуелната власт. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ негира дека нарачувале лосос и ракчиња туку станува збор за рамковна спогодба за набавка на храна, која се користи само доколку има потреба за официјални делегации, а не дека таква храна навистина била набавена.
Тие ја обвинија претходната влада на СДСМ, поточно поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој сега е лидер на опозицијата, за корупција и нелегално стекнат имот. Тие тврдат дека Филипче јадел луксузна храна од „украдени пари“ и дека Заев инвестира во згради во Дубаи. Оваа вербална пресметка доаѓа во време кога јавноста е чувствителна на економските предизвици покачените цени на производите и стагнирачките плати, а политичките партии ја користат секоја можност за меѓусебни обвинувања пред претстојните локални избори. Извор: Новинска агенција МЕТА