Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, во објава на социјалните мрежи по повод претстојниот женски партиски марш за 8 Март, најави пресврт во односот на неговата партија, Социјалдемократскиот сојуз, кон „родовата идеологија“. Костадинов во објавата дури и ги обвинува политичките противници од ВМРО-ДПМНЕ за лицемерство во врска со оваа тема, велејќи дека е срамота за партијата што само декларативно била против „родовата идеологија“, додека сега „допрецизираат закони во кои брутално ја афирмираат родовата идеологија“. Како аргумент за острото завртување во десно на неговата левичарска партија, Костадинов вели дека родовата идеологија „цел свет ја оттргнува“.
„СДСМ го менува пристапот! СДСМ покажа слух за оправданиот револт на сите нас. Жената мора да биде ставена на прво место, родот тргнат! Останува сега на оние кои хараа и жигосуваа луѓе, држеа прес-конференции за тоа колку биле против родови идеологии, а денес допрецизираат закони во кои брутално ја афирмираат родовата идеологија која цел свет ја оттргнува. Срамота, за ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Костадинов.
„Родова идеологија“ е термин кој го користат конзервативците, особено во Америка, кои тврдат дека зад промовирањето на различностите и поддршката од државата за афирмирањето на родовиот сензибилитет, кои беа политики на досегашните власти во САД (и на власта на СДСМ во Македонија), се крие смислен, систематски и организиран идеолошки напад врз семејството и традиционалните вредности. „Борбата“ против сите форми на промоција на различноста од страна на државните институции е една од главните теми во првиот месец од доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција во САД.