Градоначалникот Тони Коњановски да си поднесе неотповиклива оставка откако Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за бесправно изграден ресторан за свадби кој се ноаѓа на патот за Пелистер. Коњановски цели три и пол години дозволил на територијата на Битола да работи диво изграден објект во кој се организирале свадби и веселби. И тоа е веројатно само еден од многуте во градот за кој обвинителството досега собрало докази за да поднесе кривична пријава. Тоа значи дека службите и инспекциите во надлежност на градоначалникот Тони Коњановски не си ја вршеле работата, не постапиле и не ги заштитиле ниту законот, ниту граѓаните.
Градоначалникот Коњановски три и пол години се однесувал како паднат од Марс. Ништо не гледал и ништо не слушал. Пред заминување од кабинетот, го повикуваме градоначалникот да одговори: – Колку контроли направиле општинските инспекции од ноември 2021-ва до денес? – Кои објекти биле предмет на контрола и со која цел? – Колку казни биле изречени за непочитување на законите и на кои правни лица? Исто така, бараме општината да го објави списокот со објекти каде општинските инспекции извршија контрола после трагедијата во Кочани, што констатирале инспекторите и кои се наводите од надзорот.