Власта со сите можни инспекции врши притисок врз градоначалниците на СДСМ, рече портпаролката на опозициската партија, Богданка Кузеска. Таа обвини дека непосредно пред локалните избори, иституциите под контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ, координирано вршеле притисок врз градоначалниците од СДСМ.
„Власта оди дури и до таму, да врши притисоци и врз членови на потесните семејства на градоначалниците, со незаконски прераспределби од работното место надвор од местата на живеење. Овој притисок е селективен и тенденциозен — насочен исклучиво кон општините каде што градоначалниците се од СДСМ, додека во општините под контрола на ДПМНЕ нема никакви контроли. Очигледно целта на власта е од позиција на сила да ги заплаши актуелните градоначалници на СДСМ пред изборите, да им врши притисок и во крајна линија да им ја опструира нивната работа“ рече Кузеска. Ова, според неа, е класичен пример за злоупотреба на државните институции во партиски цели од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа порача дека се работи за напад врз демократијата и врз основните принципи на владеење на правото.
„СДСМ најостро го осудува овој политички притисок на власта и бара веднаш да престане! Ќе ги искористиме сите механизми на располагање, и на домашен и на меѓународен план, за да го заштитиме интегритетот на нашите градоначалници и правото да работат без притисок и закани.
За разлика од градоначалниците на ДПМНЕ кои не ги исполнија своите ветување и за 4 години не сработеа ништо, градоначалниците на СДСМ се пример за отчетно, транспарентно и одговорно работење во интерес на граѓаните. Власта треба да знае дека со злоупотреба на институциите, со притисок, не може ниту да не замолчи ниту да не заплаши. Ги повикуваме сите надлежни тела, како и меѓународната заедница, да го следат внимателно овој процес и да застанат во одбрана на демократските стандарди во земјава“ рече Кузеска.