На предлог на Министерството за економија и труд законски се уредува начинот на ставање во употреба и користење на техничка опрема како што се лифтовите, жичари, дигалки и транспортери. Во Собранието веќе е доставен предлог закон со кој исто така се дефинираат и условите кои ќе треба да ги исполнуваат монтажерите, сервисерите и правни лица кои прават технички прегледи или периодични испитувања на споменатата опрема.
Овој закон овозможува да се донесат прописи за техничка опрема, за ставање во употреба, за редовни или вонредни прегледи, но се дефинираат и условите за технички преглед како и условите кои мора да ги исполнат монтажерите и сервисерите за да ја работат таа професија.
Инспекцискиот надзор ќе го спроведува Државниот пазарен инспекторат, како орган во состав на Министерството, преку државни инспектори за лифтови, жичари, дигалки и транспортери.Законот предвидува високи казни за напочитување, кои може да достигнат и до 15.000 евра.
Во него е напоменато дека казните за непријавување на споменатата техничка опрема во Инспекторатот може да ги чини компаниите од 300 до 1.000 евра. Исто толку ќе изнесува казната ако корисникот не овозможи инспекциски надзор врз опремата, или ако не врши техничките прегледи и периодичните испитувања на опремата.Казна во иста висина ќе следува и ако лицата кои вршат технички прегледи не изработат извештај со оцена од спроведените прегледи, или пак ако корисник не ја исклучи од работа техничката опрема за транспорт доколку извештајот од извршениот технички преглед за периодичните испитувања е негативен.
Законодавецот предвидел дека највисока сума за казна ќе достигнува од 2.250 до 9.000 евра во денарска противвредност за правното лице кое е среден трговец или уште повеќе односно од 6.000 до 15.000 евра во денарска противвредност за правното лице, кое е голем трговец во случај да не ги пријават опремата во Инспекторатот или пак да не спроведат постапка за нејзино ставање во употреба согласно техничкиот пропис. Казни ќе следуваат и за одговорните лица во компанијата која не ги почитувала одредбите.
Законодавецот предвидува и други казни, како на пример ако корисникот по техничкиот преглед не поднесе барање за употреба на опремата во рок од осум дена. Сите детали за овој закон може да ги видите на следниов линк.