Падот на Македонија за шест места на најновиот Индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ претставува сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување и односот кон критичкото мислење во земјава, порачаа од ДУИ. Оттаму велат дека деталната анализа укажува на сериозни слабости – од политичкиот контекст и правната рамка, до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите.
„Загрижувачки е што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните. Наместо да гарантира институционална независност, Владата избра да го продлабочи клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирање на јавните институции во приватни медиуми, што повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера“ оценува партијата.
Односот кон медиумите, велат е директен одраз на зрелоста на една демократија. Наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, според ДУИ, неопходна е поддршка на професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштита на новинарите и институционална подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци. Од СДСМ пак велат дека падот на Македонија за 6 места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, е уште еден алармантен показател за погрешната насока во која оди државата под власта на ВМРО-ДПМНЕ. „Репортери без граници оценуваат дека независните медиуми се изложени „на закани и напади“ и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат “лоши и понижувачки ставови кон новинарите“. Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв.
Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора. Оваа тенденција повторно се потврдува. Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и СДСМ ќе продолжи да се бори против оваа регресија што ја спроведува ДПМНЕ“ велат од СДСМ. Оттаму порачуваат дека медиумските слободи не смеат да бидат жртва на партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ.