Немам право, како и другите лидери на партии во Европскиот фронт што немаат право да се мешаат на кој било претседател на партија дали ќе има средби со друг политички субјект. Јас сум информиран дека имало најмалку две или три средби на кои директно се сретнале Арбен Таравари и Али Ахмети, но нема ништо лошо во тоа, оцени денеска претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, по обраќањето за упадот во Собрание – 27 април.
Прашан за тоа кој ќе биде ставот на партијата и дали е можно коалицирање во рамки на Европскиот фронт, откако минатата година Алијанса за Албанците се подели на два дела, Села вели дека партијата ќе излезе со став кога тоа прашање ќе биде ставено на маса внатре во Европскиот фронт. – Лошо е кога се гради политичка кариера врз база на оценување на друг политичар, тогаш нормално е дека ќе бегаш како од ѓавол да не те слика некој и да се дознае дека си се сретнал. Но, со тоа треба да се соочиш, затоа велам – да, имало средби, но мене лично и на Алијанса за Албанците не ни смета, а дали треба да биде дел од Фронтот ќе кажеме кога ќе биде тоа прашање отворено внатре во Европскиот фронт, рече Села.
Според него, целиот албански политички фактор треба да се обедини, бидејќи, како што рече, политички актери „ни го укинаа правото на правична застапеност и сакаат да ни го укинат правото на јазик“. – Мојата порака би била, во ситуација кога политички актери сакаат да ни го укинат правото на јазик, политички актери кои ни го укинаа правото на правична застапеност, мислам дека целиот албански политички фактор треба да се обедини, и Таравари, и Меџити, и Гаши и Касами и така натаму. Јас сум го рекол тоа и во првите 100 дена од оваа Влада, за да го спречиме ова што ни се случува треба да се обедини целиот политички албански фактор, нагласи Села.