Законот за правична застапеност се носи на еден нетранспарентен начин и таков како што е изготвен не ја уредува застапеноста. Ова го изјави претседателот на крилото на Алијанса за Албанците Зијадин Села, според кого дополнително и тајмингот со кој се носи, пред одржување на локалните избори има единствена цел да се добијат политички поени. Вчерашното триумфално претставување на законот е само театар на премиерот заедно со неговиот декор од заменици премиери, рече Села.
„Ова е законот кој се праќа во Венецијанската комисија за која нема потреба за волја на вистината, но тоа се прави само со цел едните да се фалат дека еве веќе донесоа закон за правична застапеност, другите да добијат време се додека поминат локалните избори. Не треба да се третира правичната застапеност на ваков начин. Ова не е правично, со овој предлог закон не се уредува правичната застапеност.“, изјави Села.Вицепремиерот Меџити вели дека сегашната опозиција критикува најпрво за балансерот кои го укинаа сами во претходната власт, а сега го критикуваат и законот кој го донесе актуелната Влада. Тој истакна дека откако ќе го помине филтерот на Венецијанската комисија ќе биде доставен во законодавниот дом пред пратениците.
„Ние во оваа Влада го правиме со првата година, затвараме прашања кои требаше да се заврши од 2003 година. Го усвоивме законот за соодветна застапеност кој, кога ќе се врати од Венецијанска комисија ќе има јавна расправа, ќе биде во собраниска постапка, каде секој пратеник може да придонесе законот да биде што подобар пофункционален и така натаму“, вели Меџити.
И премиерот Мицкоски потврди дека не се работи за нетранспарентност, туку дека процедурата е прво да се прати на Венецијанската комисија па потоа законот ќе биде достапен до пратениците.
„За жал албанската опозиција имаше можност повеќе од 20 години да создаде закон кој што ќе обезбеди правична застапеност. Тоа не го направија. Создаваа импланти кои што знаеме сите како завршија со големи злоупотреби, измами и така натаму. Да почекаме да се произнесе Венецијанската комисија потоа сите пратеници во рамките на парламентот ќе го имаат предлог текстот на кој што може да учествуваат со амандмани“, изјави Мицкоски.Предлог законот вчера беше претставен во Влада од вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи, при што рекоа дека новата методологија за правична застапеност ќе се базира врз последниот попис на населението, а за неговото спроведувањето ќе се формира посебно координативно тело.