Физичкото малтретирање при семејно насилство, ќе се гони по службена должност, а не како досега кога жртвата мораше лично да го пријави насилникот во полиција. Ова се наоѓа меѓу итните измени на Кривичниот законик кои ги предлага Министерството за правда, кои би требало да бидат готови за две недели, објави „Сител“. Со планираната измена, насилникот ќе се гони без оглед на тоа кој го пријавил насилството. Ваквиот предлог доаѓа откако јавноста изминативе денови ја потресоа повеќе случаи на брутално семејно насилство, од кои последниот беше убиството на жена во Шуто Оризари, извршено од нејзиниот партнер. Во саботата, Рамајана Азири беше убиена од партнерот од кој со години трпела насилство. Нејзините блиски сведочеа дека таа жртвата пријавувала, но во полицијата не ја сфаќале сериозно.
Левица уште во ноември лани во Собранието предложи измени на Кривичниот законик со кои вршителите на семејно насилство ќе се гонат по службена должност, но тогаш владејачкото мнозинство го отфрли предлогот. Со актуелниот предлог на власта, се врши и редефинирање на кривичното дело „Телесна повреда“ со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност согласно одредбите од Истанбулската конвенција, информираат од Министерството за правда. Измените на предлог-законот ќе бидат објавени на ЕНЕР, а сите заинтересирани ќе имаат можност да дадат свои коментари и предлози. По ова, тие ќе треба да бидат усвоени на владина седница, па изгласани во Собранието.