Тој може да го соопшти тој план преку прес-конференција, но, доколку цени дека и мене претходно треба да ме информира и запознае, јас сум секогаш тука. Сериозните теми бараат сериозен пристап, рече премиерот Христијан Мицкоски додавајќи дека е спремен да го прими Филипче и да поразговараат на темата. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека предлогот на претседателот на СДСМ Венко Филипче за лидерска средба е пресериозна тема за да се разговара преку медиуми.
– Лидерската средба е пресериозна тема за да се разговара преку медиуми. Од тоа што можев да разберам во јавноста е дека Филипче има некаков предлог, план. Тој може да го соопшти тој план преку прес-конференција, но, доколку цени дека и мене претходно треба да ме информира и запознае, јас сум секогаш тука. Сериозните теми бараат сериозен пристап – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во струмичко Ново Село каде вршеше увид во градежните активности на проектот за изградба на пешачка и рекреативна патека од Ново Село до Мокриево. Тој рече дека е спремен да го прими и да поразговараат на оваа тема. Претседателот на СДСМ Венко Филипче на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира неговиот план – што тој смета дека е обврска да се направи за државата бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“. Од владината коалиција Вреди сметаат дека претседателот на СДСМ Венко Филипче нема кредибилитет да повикува на лидерска средба.
„После најавите од СДСМ дека ќе бараат Анкетна комисија за Кочани, кое очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба. Доволна им е координацијата со ДУИ“, се наведува во коалицискиот став на Вреди испратен до медиумите. Партијата ЗНАМ ќе се изјасни дали ќе учествува на лидерска средба откако ќе ја добие иницијативата што ја најави Филипче.
„Да ја добиеме иницијативата и да ја видиме, па ќе се изјасмиме“, изјавија од партијата. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) посочија дека прво мора да се формира парламентарна комисија со меѓународен надзор, а потоа да се размислува за други чекори. „Затоа, ги повикуваме сите пратеници кои не сакаат една од најголемите трагедии во државата да заврши со најголемата правна фарса на селективна правда и заробување на државата, денеска да ја потпишат иницијативата на „Европскиот фронт“ за формирање на оваа комисија“, посочуваат од ДУИ.