Мајкрософт одлучи да го изгаси „Скајп“, комуникациска и видео платформа која некогаш беше доминантен начин за поврзување преку интернет на корисниците во средината на 2000-тите, пишува Си-ен-eн. „Скајп“ нема да биде достапен за употреба почнувајќи од мај, потврди компанијата на Икс, велејќи им на корисниците дека нивните информации за најава може да се користат на бесплатното ниво на „Мајкрософт тимс“ во наредните денови. Исклучувањето на „Скајп“ доаѓа 14 години откако Мајкрософт ја купи платформата за 8,5 милијарди долари во готовина, што во тоа време беше најголемата аквизиција на компанијата досега. Американската компанија ја интегрира оваа услуга во своите други производи, како што се „Офис“ и нејзиниот не толку успешен сервис за мобилни телефони „Виндоус фоун“. Популарноста на „Скајп“ избледе во последниве години, и покрај растот за време на пандемијата што ги засили другите конкурентни производи, вклучувајќи ги „Зум“, „Гугл мит“ и „Циско вебекс“.
Апликацијата, исто така, се соочи со зголемена конкуренција во изминатата деценија и половина од апликациите како што се „Фејс тајм“ и „Ватсап“. Дополнително, Мајкрософт инвестира многу во „Тимс“, кој нуди многу од истите услуги. „Скајп“ беше лансиран во 2003 година во Естонија и брзо стана популарен како начин за бесплатни разговори низ целиот свет, што беше значајна предност со оглед на тоа што меѓународните повици на традиционалните телефони некогаш беа скапи. Услугата брзо стана популарна, што доведе до тоа „Ибеј“ да ја купи во 2005 година за 2,6 милијарди долари. Сепак, партнерството пропадна и „Ибеј“ го продаде својот 65 отсто удел на група инвеститори за 1,9 милијарди долари во 2009 година, пред да биде купен од Мајкрософт во 2011 година.