Најмалку 144 лица загинаа во Мјанмар во силниот земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што денеска ги погоди таа земја и Тајланд. Ова го потврди шефот на воената влада на Мјанмар, Мин Аунг Хлаинг во телевизиско обраќање. Тој додаде дека се повредени 730 лица. „Бројот на загинатите и повредените се очекува да се зголеми“, рече тој. Степенот на штетите и страдањата во Мјанмар, една од најсиромашните земји во светот, не е целосно познат бидејќи земјата е во граѓанска војна и информациите се строго контролирани. Најмалку осум лица загинаа при уривање на облакодер во изградба во главниот град на Тајланд, Бангкок.
Неколку работници беа спасени. Епицентарот на земјотресот, кој се случи околу пладне по локално време, бил во близина на Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар. Потоа следеше силен последователен потрес со јачина од 6,4 степени. Во двете земји е причинета голема материјална штета. Владата на Мјанмар соопшти дека е потребно да се дарува крв во најтешко погодените области, а видео снимките од земјата покажуваат урнати куќи и испукани патишта, како и спасувачки тимови кои трагаат по преживеани.