Не само трагедијата со пожарот во дискотеката без лиценца „Пулс“ во Кочани, туку Анкетната комисија што се „крчка“ во Собранието најверојатно ќе вклучи и други предмети. СДСМ побара ваква анкетна комисија да се одржи за пожарот во кој загинаа 59 лица а речиси 200 беа повредени, но власта одговори дека немаат против вакво нешто само ако не се изостават и другите несреќи. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека освен за пожарот во Кочани, треба да се зборува за пожарот во модуларната болница во Тетово, несреќата кај Ласкарци, купувањето и продавањето на „Соравија“.
-Секогаш сме на страната на правдата и мислиме дека ако е потребно, сите случаи треба да добијат правна и правилна разрешница без селективна правда, рече Методија Илиевски. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ исто така нема ништо против одржување на Анкетна комисија. -Немаме ништо против ваква анкетна комисија, ама ќе ја прошириме со трагедии кои што се случија како модуларната болница, Ласкарци, Беса транс, така што никој нема против, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски. Од ДУИ пак, побараа меѓународна истрага за пожарот во Кочани.