Од повеќе туристички агенции ни потврдија дека според нивното искуство, се намалува бројот на луѓето кои одат на одмор во Грција и носат храна купена од Македонија, со цел да заштедат. Велат дека оваа појава не е искоренета целосно, но сега бројот на оние кои носат храна кај јужниот сосед за разлика од пред една деценија е многу помал. Според вработените во агенциите, младите не сакаат додека се на одмор да готват, сакаат да уживаат, а воедно и цените на намирниците кај нас се зголемени и не можат многу да заштедат.
„Некои луѓе си носат храна во Грција. Препоставувам целта им е да заштедат“, велат од битолска туристичка агенција.
Од агенција во Прилеп велат дека оние кои се сместуваат во апартмани носат малку храна со себе за на одмор.
„Ако туристите одат во хотелско сместување секако дека не носат храна, ако е приватно сместување, носат храна, ама индивидуално е. Имаат фрижидери во студијата. Последниве години сѐ помалу се носи. Се намалува тој тренд. Цените и кај нас скокнаа и затоа во Лидл во Грција си купуваат храна“, додаваат од прилепска туристичка агенција.
„Од моето лично искуство, има голем интерес за Грција, но младите генерално не ги интересира готвење. Младите веројатно јадат во рестораните. Само 10 отсто, многу мал број од младите прашуваат за кујната и не е како порано. Порано сите одеа со полни возила, таму ништо не купуваа, а сега бројот се намалува. Цените таму и тука се скоро исти, тоа е многу мала разлика за што не се исплати да се носи храна. Тие што земаат храна со себе, носат паштети, макарони, а поретки се оние што носат супи. Сега пак си носат лежалки, крпи и чадори, оти се скапи во Грција. Однапред си прашуваат и пресметуваат колку ќе потрошат и бидејќи им е скапо, си носат од тука“, велат од кавадаречка туристичка агенција.
„Носам тоа што јадам, макарони, супи. Оваа сезона е поскапо, а и во денешно време сите така правиме, гледаме да заштедиме“, рече Снежана Павловска, пензионерка.
„Порано носев храна, а сега не. Носевме зеленчук, месо во мини фрижидерчиња, aма ова беше многу одамна. Тоа го правевме за првиот ден додека да се снајдеме, да си имаме за оброци. Тогаш немаше толку хотели, одевме во приватно сместување и храната ја носевме за првиот ден да си имаме“, рече Убавка К, граѓанка.
Друга помлада девојка вели дека и српските туристи како и македонските на одмор во Грција носат храна.
„Лани бев во Грција со моите. Ние таму си купувавме храна. Имам сретнато туристи кои носат наши производи, земаат нешто што не може да се расипе или ставаат храна во оние мини фрижидерчиња“, додава Ана С.
Секоја година кога ќе дојде периодот за одмори, кај нас, па и во регионот се користи терминот „домат туризам“, нешто што навредува дел од населението. Инаку, има и рестрикции на граница, така што кај јужниот сосед не можат да се внесат одредени производи, посебно ако се надвор од ЕУ.
Сања Атанасовска