Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека САД треба да ја убеди Русија да прифати 30-дневен прекин на огнот, како што беше предложено за време на украинско-американските преговори во Саудиска Арабија. „САД треба да ја убедат Русија да го направи тоа“, рече Зеленски во своето дневно обраќање на социјалните мрежи, додавајќи дека Украина позитивно го гледа предлогот за примирје. Тој им се заблагодари на американскиот тим за конструктивните разговори во Саудиска Арабија. Украинскиот претседател рече дека предлогот за прекин на огнот од 30 дена ги покрива сите фронтови, а не само воздухот и морето.
„Американската страна ги разбира нашите аргументи, ги прифаќа нашите предлози и сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за конструктивноста на разговорите помеѓу нашите тимови“, изјави тој на Телеграм. Зеленски потврди дека Украина го прифатила предлогот за прекин на огнот, додавајќи дека е „спремен да го направи тој чекор“.
„Украина е подготвена за мир. Русија мора да покаже дали е подготвена да ја заврши војната или сака да ја продолжи“, додаде Зеленски. Потсетуваме, по состанокот во Џеда, претставниците на украинската и американската делегација издадоа заедничко соопштение. „САД веднаш ќе ја укинат паузата за размената на разузнавачки информации и ќе ја продолжат својата безбедносна помош за Украина“, беше соопштено. Двете земји, според американскиот Стејт департмент, направија „важни чекори кон обнова на траен мир“ за Украина. Исто така, тие се согласија да склучат договор за развој на критични рударски ресурси на Украина.