Министерството за финансии веќе работи на подготовка за издавање нова еврообврзница за следната година со цел да се обезбедат средства за сервисирање на еврообврзницата што доспева во 2026 година којашто е во износ од 700 милиони евра, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Тоа ќе биде износ поголем од 700 милиони евра, бидејќи дел од евентуалниот буџетски дефицит за 2026 година исто така ќе го финансираме преку еврообврзницата. Најголемиот дел од Буџетот во 2025 година го финансиравме преку домашните банки, но сега е време да се насочиме кон меѓународните финансиски пазари, истакна Димитриеска-Кочоска на ТВ Сител.Во однос на проектот за изградба на брзата пруга која е дел од Коридорот 10, министерката рече дека не се предвидени повлекување на средства ниту оваа, ниту наредната година. Верува дека ќе има добри понуди од меѓународните финансиски институции.
– Ќе следува анализа на понудите, а потоа ќе има закон за задолжување, а имаме и избори. Со информациите што ги имаме од Министерството за транспорт и врски првите исплати ќе бидат во 2027 година – рече Димитриеска-Кочоска.Според министерката, ребалансот на Буџетот е направен со јасна фокусираност на одржување на фискалната дисциплина, поддршка на приоритетните проекти и ефикасно прераспределување на буџетските средства, а најголем дел од кратењата, како што посочи, се направени во рамките на Владата.