Американската Влада нареди итна ревизија на базата на НАТО во Александрополис, Грција, преку која и беше доставена воена помош за Украина, јавија дел од медиумите. Базата се наоѓа во Тракија, на егејскиот брег, во близина на Црното Море, а САД и НАТО ја користеа за транспорт на силите во Источна Европа. Базата била користена и од администрацијата на поранешниот претседател на САД, Џо Бајден како транзитна точка за испорака на американска помош, вклучително и воена, за Украина.
Откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп најави дека не планира да ја продолжи помошта за Украина, посебно по преговорите во Ријад помеѓу САД и Русија, НАТО базата во Александрополис може да стане непотребна. Претседателот на Русија, Владимир Путин повеќе пати бараше затворање на базата во Александрополис. Затворањето е во интерес и на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, кој базата во Александрополис ја смета за закана на турскиот монопол над Босфор.