Вкупната инвестиција е 84, 2 милиони денари. Во Општината Гази Баба во Скопје започна реконструкцијата на Домот на култура „11 Октомври“, како еден од четирите проекти на Општината кои ќе се реализираат со средства од буџетот во првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините. На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и градоначалникот Бобан Стефковски. Мицкоски посочи дека со реконструкцијата ќе се реши проблем што трае неколку децении. „Местото ќе добие нов лик, ќе го користат жителите на општина Гази Баба, а и на цело Скопје. Овој дом ќе претставува место каде што ќе се случуваат културни настани, место какво и беше потребно на Гази Баба“, рече Мицкоски.
Градоначалникот Стефковски информираше дека домот ќе се простира на 1.000 квадратни метри, ќе има три нивоа, ќе биде енергетски ефикасeн и целосно инклузивен со лифт и тоалети за лица со посебни потреби, со капацитет за 180 гледачи. „Повеќе од четири децении ова место беше најцрната точка во општина Гази Баба во кое се вршеа и девијантни појави, а за помалку од 18 месеци ќе прерасне во центар на културата. Вкупната инвестиција е 84, 2 милиони денари обезбедени од првиот јавен повик на Владата“, изјави Стефковски. Министерот Перински очекува Домот на култура да стане центар на креативноста и културните настани, место каде што ќе се собираат младите, културните друштва и сите љубители на уметноста и културата и за кратко време да прерасне во вистински храм на културата каде ќе се случуваат убави настани. Извор: Новинска агенција МЕТА