Откако политичката партија Левица објави фотографија со автомобил залепен со селотејп, и обвини дека Жан Лозаноски, директорот на Психијатриската болница Демир Хисар направил сообраќајка во Скопје, под дејство на алкохол, со службено возило, кое потоа го залепил со селотејп на оштетеното место, за ,,Фокус” се огласи и директорот Лозаноски. Вели дека е во шок од обвинувањата и веќе објавил демант на страницата на установата. Тврди дека во случајот се направило од мравка – слон, и дека ниту возел пијан, ниту пак направил голема штета на возилото, туку се работело за мала гребнатина, која веќе била санирана. -Кога дојдов на јавна функција, јасно ми беше дека се можни разни партиски хајки, но не верував дека ќе се оди толку далеку. Јас сум остварен човек во шестата деценија од животот, имам 58 години, имам сопруга која е вработена, возрасни деца кои се ситуирани и не ми е дојдено до вакви глупости.
Оти ова е чиста глупост и начин да ми се наштети, ништо друго не гледам овде! Вистината за возилото е дека јас заедно со уште неколку лекари бев во Скопје, на семинар, бевме и во Министерството за здравство. Имаме недостиг на возачи во институцијата, па затоа уредно, со документ, имам одобрение да го управувам службеното возило. Во Скопје, и самите знаете дека има сообраќајна гужва, недостиг на паркинг, се случи мала гребнатина на возилото, која веднаш, по враќање назад, беше комплетно санирана! Тоа со селотејпот, превентивно го залепивме, од претпазливост, случајно да не се откачи нешто попат, и еве деновиве станав ударна тема во јавноста, од гребнатинка се направи наводна сообраќајка, па згора на се, и обвинувања дека сум возел пијан! Неверојатно е што се прави за да се дојде до политички поени, па јас не сум млада и незрела личност која би возела под дејство на алкохол, туку човек кој веќе ја привршува својата кариера, на прагот на 60-та година, вели Лозаноски.
Додава дека наместо да се пишува за новиот проект за изградба на два нови објекти во склоп на психијатриската болница, која е во очајна состојба, намерно се свртувало вниманието на јавноста кон измислени и преувеличени приказни. -Она кое досега, во овие 40 години никој не го направил за болницата, се прави сега, во мојот мандат! Станува збор за проект вреден 2,5 милиони евра, за изградба на два нови објекти, каде пациентите ќе ги имаат сите современи и достоинствени услови за престој, со капацитет за 150 лица. Но, тоа гледам се занемарува, се пласираат приказни за некаков селотејп, се редат лажни обвинувања! Во процедура е целата работа за проектот и верувам дека за месец-два се ќе биде завршено, дека ќе се започне со изградба. Ете, за тоа треба да се зборува во јавност, а не за гребнатина на автомобил, која се прикажа како голема сообраќајка. Ви доставувам и фотографија од автомобилот, да види јавноста дека ова беше непотребна хајка против мене, вели директорот.
И пред два месеца установата на чие чело е Лозаноски се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако ,,Фокус” објави фотографии од внатрешноста на болницата, а на кои се гледаат условите под човечко достоинство во кои престојуваат пациентите. Тогаш тој ни изјави дека кога дошол на чело на институцијата во август 2024 година, затекнал хаотична состојба, но со тек не време се подобрила хигиената и дисциплината. Кажа дека ќе се градат две нови згради за пациентите, но и дека ќе се реновираат постоечките простории кои биле стари 80 години. Инаку, тој е магистер на економски науки, кадар на ЗНАМ.