Во денешното соопштение од Зоолошка градина, пишува дека во 2023 година биле родени 40, а угинати 10 животни, а во 2024 година биле родени 33 животни, а угинати 15 животни. Сè уште не се готови резултатите од обдукцијата на седумте берберски овци, кои минатата недела под нејасни околности угинаа во скопската Зоолошка градина. Резултатот од Факултетот за ветеринарна медицина треба да го добијат во Зоолошката и во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во меѓувреме, денеска директорот Зоран Попов испрати соопштение до јавноста, во кој повикува советници од град Скопје, медиуми, институции, здруженија, но само организирано и со најава да ја посетат градината и да видат како тој и вработените се грижат за животните. Пред три дена, преку соопштение за јавност, Попов информираше дека берберски овци, без да прецизира колку на број, на 11 февруари угинале во Зоолошката градина. Со соопштение излезе и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Од Зоолошка се сомневаат дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata).
„При контролата присутна била и екипа од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје кои, труповите на угинатите животни ги подигнале и однеле на Факултетот за дополнително истражување и обдукција и утврдување на причината за угинување. Официјалниот ветеринар од одговорните лица на ЗОО известен бил дека животните претходно не покажувале знаци на болест и истите не биле третирани“, беше наведено во одговорот од АХВ. Изминативе години многу животни угинаа во Зоолошката градина. Во 2023 градината остана без ниту една од трите жирафи чие живеалиште со години беше оваа установа. Жирафата Каспер угина во мај, но од скопската ЗОО никогаш не соопштија од кои причини настапила смртта. Истата година, три коњи беа отруени со брзоделувачки отров. Во денешното соопштение од Зоолошка, пишува дека во 2023 година биле родени 40, а угинати 10 животни, а во 2024 година биле родени 33 животни, а угинати 15 животни. Оттаму тврдат дека повеќето од угинатите животни биле во длабока старост. Извор: Новинска агенција МЕТА