Руските максималистички барања Украина да ги повлече своите трупи од нејзините региони, заедно со бруталните напади, покажуваат дека Русија, а не Украина е пречката за мирот, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Москва, а не Киев, треба да биде предмет на притисок“, рече тој, според Униан.
Според него, главниот град на Украина доживеал особено страшна ноќ и веќе има извештаи за девет цивили убиени во Киев и повеќе од 70 повредени, меѓу кои и шест деца. Сибиха истакна дека другите градови и заедници низ Украина биле погодени од руски ракети и беспилотни летала среде ноќ, при што загинале и биле ранети цивили.
„Со своите постапки, а не со зборови, рускиот претседател Владимир Путин покажува дека не почитува никакви мировни напори и се стреми само да ја продолжи војната. Слабоста и отстапките нема да го спречат неговиот терор и агресија. Само сила и притисок“, нагласи Сибиха.
Во исто време, украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека Русија цела ноќ „ги тероризирала украинските градови“, истрелувајќи крстаречки и балистички ракети, беспилотни летала и бомби. Тој истакна дека во руските напади биле оштетени станбени згради, цивилна и социјална инфраструктура.
„Русија сурово и цинично испраќа проектили во украинските градови, убивајќи луѓе, додека светот прави напори да воспостави мир“, нагласи Шмихал.
Според него, Украина инсистира на целосен и безусловен прекин на огнот, а непријателот мора да плати за уништувањето. Украинскиот министер за одбрана Рустам Умеров изјави дека во нападот на Киев се повредени повеќе од 70 лица, меѓу кои шест деца.