Од СГИП велат дека тие не се непријатели на „Македонски шуми“, туку да му помогнат на претпријатието што рани преку 1.800 семејства, па затоа и бараат почитување на Колективниот договор и на Законот Во најголемото јавно претпријатие за стопанисување со шумите во Македонија ЈП „Национални шуми“, се прави отчленување на вработените од Синдикатот за градежништво – СГИП при ССМ, само затоа што овој синдикат бара повисоки, односно достоинствени плати, предупреди на Фејсбук, претседателот на СГИП, Иван Пешевски. Од СГИП, додаваат дека токму пред една година, тие биле најдобар синдикат, кога се бореле за истата цел. – За жал, на моменталното раководство му е полесно да сее страв наместо да застане зад своите вработени и заедно да ги надминеме проблемите што се таложеле низ годините. Речиси 70 отсто од нив се со минимална плата и општите работници се речиси изедначени со шумарските техничари и шумарските инженери. Дали има доволно пари само за раководството на претпријатието – прашуваат од СГИП?
Од овој Синдикат додаваат дека се заборава на фактот дека оваа фела придонесува многу во шумарството, со тешките услови за работа и изложеноста на надворешни влијанија и висок степен на ризик на нивните работни места. – Забораваме дека ќе немаме идни студенти во оваа дејност ако веднаш не ги зголемиме платите што се речиси како социјална помош, а не плата. Срамота и грев е да имаш право на стопанисување на шума, а да молиш за плата. Срамота е да покажуваш со прст накај тие работници и да се закануваш со зборовите: како знаете и умеете да се отчлените од синдикатот – додава Пешевски. Според него, Синдикатот не е во „Македонски шуми“, за да го сметаат за непријател, туку за да му помогне на претпријатието кое рани преку 1.800 семејства, па затоа се бара почитување на Колективниот договор и Законот.