Одлуката на професорот Ѓоко да се замонаши и како Георгиј да ѝ служи на Црквата е негов личен избор и никој нема право да му суди, да го цени или оценува неговиот подвиг.Но, напредувањето во монашката хиерархија е процес подложен на оценки на јавноста, бидејќи едно е да се биде монах во својата монашка ќелија, а сосема друго е да се биде митрополит од чии одлуки понекогаш е засегнато целото (црковно) општество. И тука тој не треба да има каков било сомнеж дека критиката на јавноста во иднина ќе му биде секојдневен сопатник, за разлика од годините кога од позицијата професор, можел да избира дали ќе биде присутен, или не во јавноста.
Јас немам намера да го оценувам неговиот квалитет, капацитет, подготвеност, бидејќи тоа не е моја работа, но процесот, патот по кој брзорастечки се движи неговиот монашки напредок, а и изборот за епископ и митрополит, е предмет на анализа. МПЦ-ОА изминативе речиси две децении, и кога беше во шизма, покажа дека е жива Црква и дека знае да го оди канонскиот пат. Токму изборот на последните десетина владици беше најголемиот доказ за тоа.
Сите тие произлегоа од монашкиот ред, некои и по повеќе од двасетина години монашки стаж. Тоа беше столбот на црковната иднина, за кој и некои соседни Цркви подзавидуваа. Изборот на Георгиј за Митрополит, за само 16 дена од замонашувањето, е враќање на МПЦ-ОА во шеесеттите-седумдесеттите години, кога за таквите чекори имало реално оправдување. Навредливо и самопонижувачко е за самата Црква на иста сиднодска седница некој да биде избран и за Архимандрит и за Епископ и за Митрополит. Ирелевантно е дали статутарно и уставно тој избор е во ред. Едно од прашањата е што толку се брза или кој толку некого брза?
Но, јас поинаку гледам на овој избор и лично мислам дека неговиот избор е веројатно компромисот што Архиепскопот го прави меѓу невозможното, откако претходно пропаднале сите обиди да обезбеди мнозинство за некое друго име. Затоа што ако Георгиј бил изборот на Стефан уште од почетокот, неговото замонашување ќе се случеше многу порано. Тој веројатно бил планот „Б“.
Токму од тие причини, сакам да верувам дека Георгиј ќе биде браникот од спроведување на вториот дел од сценариото на Расипникот за уништување на секоја плодна гранка во МПЦ-ОА. Од неговите митрополитски постапки ќе зависи и неговото достоинство. Многу му се даде одеднаш, многу ќе му се бара да го оправда тоа.
Георгиј ќе седне рамноправен со останатите 12 епархиски архијереи во полниот состав на Синодот. Тој, но и оние останатите, кои во последните три децении стааа владици ја имаат одговорноста за иднината на црквата. Сега се што се случува во МПЦ-ОА е на увид во останатите помесни православни цркви. Заради нивното достоинство е важно да го напуштат комодитетот, а со тоа и сервилноста и послушноста кон оние кои ќе продолжат да ја влечат Црквата удолу. Нивното мнозинство е големо, а нивната моќ е непроценлива и каква било закана кон нив ќе биде празна пушка, која веќе одамна е испукана.
Целата анализа за изборите и случувањата во МПЦ ОА на Марјан Николовски на религија.мк