Доцна синоќа продолжи акцијата на косовската полиција за пронаоѓање останатите од групата која изврши напад врз косовските полициски службеници, а која според косовското Министерство за внатрешни работи броела 30 лица, маскирани и во униформи, и вооружени со тешко оружје. Рации се извршени на одредени локации, стамбени згради и возила, како и во возилата околу манастирот во селото Бањска. Според првите информации пронајдени се стотици парчиња оружје, униформи и логистичка опрема, меѓу кои и гранати, пиштоли, митралези, калашникови, зољи и друго оружје од тежок калибар. Денеска се проверуваат и верниците од манастирот Бањска, за да се утврди дали меѓу нив имало помагачи.
Трупите на КФОР и Еулекс се уште се во состојба на готовност, а меѓународната заедница одигра голема улога во смирување на ситуацијата на терен. Посебно се разговараше и со Курти и со Вучиќ, а специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак вели дека инцидентот на северот на Косово е длабоко загрижувачки и е во спротивност со принципите на мирот и соработката.