Сојузот на здруженија на дијабетичари бара Владата и Министерството за здравство годинава да најдат пари во буџетот и на сите 3.500 пациенти кои живеат со дијабетес тип 1 во земјава да им се обезбедат најнапредните инсулински пумпи со сензор кои одигруваат улога на „вештачки панкреас“. Досега само 300 пациенти што имаат дијабетес тип 1 добиваат инсулински пумпи ама не се од оние што Сојузот ги бара, туку се застарени.
Преку допис до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, дијабетичарите бараат годинава, кога ќе се склучи двогодишен тендер за инсулински пумпи што владата го обезбедува од буџетот – тој да биде за системи кои се со најнова технологија и кој ќе доведе да има намален број на дијабетична кетоацидоза и хипогликемии.
Инсулинските пумпи кои треба да се набават во 2025 година, бараме да бидат современи напредни хибридни затворени системи. Тоа е инсулинска пумпа поврзана со систем за континуирано мерење на гликемија кои преку автоматизиран алгоритам испорачува инсулин и овозможува постигнување целни нивоа на гликемија поставени за секој пациент поединечно. Со поставување на пациентите со дијабетес тип 1 на овие напредни системи, тие истовремено стануваат и корисници на сензор, вели за „Слободен печат“ Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари и пациент со дијабетес.
View this post on Instagram