И покрај тоа што најави дека денеска ќе го достави предлогот за нов гувернер на Народната банка, претседателката Гордана Силјановска-Давкова се предомисли – ќе размислувала уште два – три дена додека да донесе одлука. Според информациите, таа вчера имала средба со тројца кандидати, меѓу кои актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска и поранешните министри за финансии Трајко Славески и Зоран Ставрески. Ова значи дека на утрешната седница нема да се гласа за изборот на нов гувернер на Народната банка, кој ќе ја води оваа функција во наредните седум години. „Има неколку кандидати и најважно е да не дојде до тоа да не биде избран кандидат“, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова минатата недела, најавувајќи дека денеска ќе достави предлог кандидат за наследник на Ангеловска-Бежовска.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека за гувернерската позиција се во игра вонсериски искусни кандидати за кои е убеден дека ќе ја одржат макроекономската стабилност. Еден од условите за поддршка на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и од Владата, според Мицкоски, е стриктно бранење на фиксниот курс на денарот. „Веќе имавме разговори со претседателката на оваа тема, очекувам да ги продолжиме, до крајот на неделата ќе биде јасна позицијата. Очекувам в понеделник да биде информирано Собранието, на 20-ти ќе има седница, разговарав со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20, така што рокот ќе биде испочитуван“, одговори Мицкоски минатата недела на новинарско прашање.
Според Законот за Народна банка, на кој претседателката се повикува, доколку не се изгласа предлогот доставен од претседателот на државата до Собранието, актуелниот гувернер продолжува со извршување на функцијата, сè до изборот на новиот гувернер. Оваа одредба е внесена во Законот за Народна банка во мај минатата година на препорака на ММФ, сè со цел, да се одржи континуитет во работењето на институцијата во случај доколку до истекот на мандатот не се избере нов гувернер. Како најсериозни кандидати за позицијата, кои се споменуваат во јавноста се актуелната гувернерка Анита Ангеловска – Бежоска, ексминистрите за финансии Зоран Ставревски и Трајко Славески, како и ексвицегувернерката Маја Кадиевска-Војновиќ. Гувернерот се бира на предлог на претседателот на државата, кој потоа се избира во Собранието. За да се избере потребни се мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието.
Гувернерот има основна задача да ја претставува НБМ, ги претставува монетарната и политиката на девизен курс, одлучува за издавање дозволи на финансиски институции, ги одзема дозволите, ги контролира банките и слично. Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).