На погребната миса посветена на Неговата светост, папата Франциск, присуствуваше и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Таа објави фотографии на кои може да се види дека се ракува со американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама на САД, Меланија Трамп.
Пред околу 200.000 верници и почитувачи на народниот папа, религиозни лидери, претставници на кралски семејства, шефови на држави, премиери и државни делегации се одвиваа бројни црковни церемонии.
„Голема чест ми беше да учествувам во церемонијата на оддавање немерлива почит и во испраќањето на папата Франциск во вечниот дом. Неспорно е дека овој скромен човечки џин го обележа векот, храбро чекорејќи по патиштата на милоста, добрината и човечноста. Си замина со љубов и солзи во базиликата Санта Марија Маџоре, откако го собра и обедини целиот свет, сиот народ, сите верници и верски великодостоинственици, државници, носители на највисоки функции.
Неговите дела совршено соодветствуваа на неговите зборови и ставови. Ппата Франциск го вложи сиот свој духовен капацитет и морален интегритет во решавањето на проблемите на обичните луѓе, но и глобалните проблеми и уживаше огромна почит од сите категории луѓе, од најсиромашните, до најбогатите и најмоќните.
За време на неговата историска посета на Скопје, папата Франциск нè охрабри нас, македонските граѓани да опстоиме на својот посебен историски, национален и културен пат, неразделен од европскиот, изразувајќи ни разбирање, симпатија и поддршка“ напиша Сиљановска Давкова на Фејсбук.
За разлика од неговите претходници кои почиваат во криптата на базиликата Свети Петар, папата Франциск оставил аманет да биде погребан во Санта Марија Маџоре, една од „петте папски базилики”. Во неа, во 2015 година беше поставена плочата на македонски јазик во чест на Светите браќа Кирил и Методиј. Папата Франциск е првиот поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил нашата земја. За време на историската посета во 2019 година тој рече: „Македонија е портата преку која христијанството влезе во Европа, бидејќи жителите на македонското тло се првите Европејци на кои апостолот Павле им го пренел Христовото учење”.