По повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до верниците и поглаварите на Црквите во земјава – Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Католичката црква и Евангелско-методистичката црква.
„Христовото воскресение како стожер на верата нека ни биде поттик за солидарност, добрина и заедништво“, порача Сиљановска-Давкова, повикувајќи на хуманост и поддршка, особено во време кога, како што наведе, земјата се соочи со незапаметена трагедија. Претседателката изрази надеж дека Велигден ќе донесе утеха и надеж, подвлекувајќи дека годинешното празнување – заедничко за сите христијани – е симболично и повикува на сплотеност и почит. Честитката е упатена до архиепископот г.г. Стефан, бискупот д-р Киро Стојанов и претседателот на црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, д-р Емил Заев.